Рускиот претседател Владимир Путин нареди подготовка на одмазднички мерки по, како што тврди Москва, смртоносниот украински напад со дронови врз студентски дом во градот Старобилск во Луганската област.

Руските власти соопштија дека во нападот загинале најмалку 18 лица, додека уште три лица се водат како исчезнати под урнатините.

Путин нападот го нарече „терористички чин“ и побара од Министерството за одбрана да подготви предлози за одговор.

Од друга страна, Украина ги отфрли руските обвинувања и соопшти дека цел на нападот бил штаб на руската единица „Рубикон“, специјализирана за беспилотни технологии и развој на дронови.

Украинската армија тврди дека гаѓа исклучиво воени цели и инфраструктура што се користи за воени операции.

Нападот доаѓа во период кога Киев ги засилува нападите со беспилотни летала со долг дострел врз руски воени и енергетски објекти, вклучително и длабоко во руска територија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека украинските сили извршиле напад и на воено-индустриски објект во рускиот Пермски крај, на околу 1.700 километри од украинската граница.