Државниот буџет на Украина доби грантови од 1,25 милијарди долари од САД преку донаторски фонд на Светска банка, соопшти украинското Министерство за финансии.

„Во 2023 година, Украина веќе доби 8,45 милијарди долари директни грантови за поддршка на државниот буџет од САД. Од почетокот на руската инвазија на Украина, државниот буџет доби 20,4 милијарди долари грантови од САД“, се прецизира во соопштението на украинското Министерство.

Грантот е обезбеден како дел од петтото дополнително финансирање во рамките на проектот „Државни расходи за одржување на административниот капацитет“ (PEACE).

Финансирањето од грантот ќе се користи за надоместување на трошоците на државниот буџет, особено за исплата на платите на државните службеници и исплатите во рамките на одредени програми за социјална помош.

Украина моментално спроведува заеднички проект со Меѓународната банка за обнова и развој и Меѓународната асоцијација за развој за поддршка на владините трошоци за одржлива јавна администрација во Украина за вкупно 16,5 милијарди и 1,4 милијарди долари.