Откако Русија го напушти договорот за жито во јули, Киев сè повеќе ги користи своите пристаништа на реката Дунав за извоз на жито.
Висок украински функционер потврди дека Киев почнал да извезува жито преку хрватските поморски пристаништа и дека земјата бара други извозни патишта додека нејзините црноморски пристаништа се блокирани, пренесува Ројтерс.
„Украинското жито веќе е извезено преку хрватските пристаништа. Благодарни сме за оваа можност. Иако е само трговска рута, таа е веќе популарна. Подготвени сме тоа да го развиеме со проширување на можностите на сообраќајниот коридор. Веруваме дека оваа логистичка рута ќе игра важна улога во билатералната трговија меѓу нашите земји и по војната“, се вели во писмената изјава на првата вицепремиерка Јулија Свириденко.
Свириденко не кажа колку украинско жито веќе е испорачано преку новата рута.
Откако Русија го напушти договорот за жито во јули, Киев се повеќе ги користи своите пристаништа на реката Дунав за извоз на жито.
Русија, сепак, ја напаѓа украинската пристанишна инфраструктура на Дунав.
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, за време на неговата посета на Загреб на крајот на јули, рече дека Украина и Хрватска се договориле за можноста за користење на хрватските пристаништа на Дунав и Јадранското Море за извоз на украинско жито.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во средата повторно понуди извоз на украинско жито преку хрватските пристаништа, по пропаѓањето на договорот на ОН кој овозможи храна од Украина да стигне на светскиот пазар.
Зборувајќи на самитот на Иницијативата за три мориња во Букурешт, Пленковиќ повторно ги понуди хрватските пристаништа како алтернатива за извоз на украинско жито.