Засилена задолжителна евакуација во Донецк

Украинските власти соопштија дека започна нова задолжителна евакуација во Донецк, поради продолженото напредување на руските трупи кои со месеци освојуваат територии во источниот дел на земјата. Мерката е насочена кон заштита на цивилното население, особено семејствата со деца, од интензивните борби.

Гувернерот на регионот Донецк, Вадим Филашкин, објави на Телеграм: „Почнуваме со задолжителна евакуација на семејства со деца“. Тој наведе околу дваесет населени места што ќе бидат опфатени со евакуацијата. Селата, во кои живеат стотици луѓе, се наоѓаат на околу 30 километри од фронт линијата.

Опасноста за цивилите расте

Филашкин предупреди дека престојот во Донецк станува сè поопасен.

„Повторувам уште еднаш: престојот во регионот Донецк е исклучително опасен. Евакуирајте се додека се уште можете“, порача тој.

Оваа мерка доаѓа неколку месеци по сличната акција спроведена на крајот на јули, кога украинските власти исто така наложија задолжителна евакуација заради ризикот од засилени руски напади. Целта е да се намали бројот на цивилни жртви и да се обезбеди нивната безбедност во услови на продолжени вооружени конфликти.