Украинската војска денеска извести за жестоки борби на истокот на земјата додека руските сили се обидуваат да преземат целосна контрола врз делумно окупираните региони Луганск и Доњецк.
„Противникот продолжува да ги фокусира своите главни напори на обидите за целосно окупирање на регионите Луганск и Доњецк“, соопшти денеска Генералштабот на вооружените сили на Украина.
„Жестоките борби продолжуваат“, се вели во соопштението.
Фокусот на руските сили во регионите Луганск и Доњецк доаѓа додека украинската војска води голема контраофанзива чија цел е да ја врати украинската територија окупирана од Москва.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера призна дека долгоочекуваната контраофанзива започнала.
„Во Украина се случуваат контраофанзивни и одбранбени дејствија, но нема да кажам детално во која фаза се“, рече Зеленски.
Тој додаде дека најтешките битки се водат на источниот и јужниот фронт.