Украински дрон предизвика пожар во нуклеарната електрана Курск, оштетен трансформатор, нема зголемено радиоактивно зрачење и нема жртви
Украински дрон предизвика пожар во руската нуклеарна електрана Курск откако руската противвоздушна одбрана синоќа пресретна и собори беспилотно летало во близина на објектот. Остатоците од дронот ја зафатија електраната и предизвикаа пожар.
Според операторот, не е забележано зголемување на нивото на радиоактивно зрачење и електраната работи во безбедни услови.
„Дронот беше соборен по полноќ, експлодира и го оштети трансформаторот“, соопштија од нуклеарната електрана Курск преку Телеграм, додавајќи дека пожарот е изгаснат и нема жртви.
По нападот, еден од четирите реактори работи со 50 проценти од капацитетот, додека останатите продолжуваат да функционираат нормално.
„Нивото на зрачење на индустриската локација на нуклеарната електрана Курск и во околината не е променето и се наоѓа во нормални граници“, се наведува во официјалното соопштение.