Пет минути откако ги информирал контролорите на летање дека има проблем со еден од четирите мотори и две минути по разговорот со контролната кула во Кавала и барањето за принудно слетување, украинскиот авион Антонов-12 се загубил од радарите, според податоците објавени од Службата за цивилно воздухопловство на Грција (ИПА), јави дописничката на МИА од Атина.

Во деталното соопштение од ИПА информираат дека авионот полетал од Ниш со осумчлен екипаж и 11,5 тони опасен материјал (dangerous goods), а според планот на летање доставен од надлежните српски органи, авионот ќе летал за Бангладеш (Дака) со попатни станици во Јордан, Саудиска Арабија и Индија.

Во грчкиот воздушен простор влегол во 22:09 часот по локално време, а во 22:37 го известил Контролниот центар на регионот Атина- Македониа (КЕПАТМ) дека поради проблем (operation reasons) нема да продолжи до крајната дестинација и дека ќе се врати на аеродромот од каде што полетал.

– Во 22:42 часот летајќи источно од Халкидики ги извести контролорите на летање на приодот кон Солун дека има проблем со моторот број четири наведувајќи: „may day пожар во мотор четири“. Службата за цивилно воздухопловство веднаш прогласи вонредна состојба со активирање на соодветните предвидени процедури. Во 22:45 часот, авионот имаше разговор со контролната кула во Кавала и информираше дека се упатува за принудно слетување. Веднаш беше дадена дозвола за слетување на аеродромот во Хрисуполи во Кавала. Во 22:47 часот авионот се изгуби од радарите на воздушниот сообраќај, соопштија од Службата за цивилно воздухопловство на Грција.

Веднаш потоа бил известен Националниот координативен центар за потрага и спасување за вонредната состојба, а потоа за губењето на комуникацијата, по што започнал процесот на лоцирање, пребарување и спасување.

Паралелно биле мобилизирани и сите надлежни органи, противпожарната служба, полицијата, цивилната заштита, Министерство за одбрана и локалните власти.