Маринка е целосно евакуирана, во градот нема никој освен војници. Нема начин цивилното население да живее таму, изјави началникот на полицијата во Маринка.
Украинското Министерство за надворешни работи на Твитер објави фотографии направени од воздух од градот Маринка во источниот украински регион Доњецк. На фотографиите се гледа дека градот е срамнет со земја.
„Украинската Маринка во регионот Доњецк порано беше дом за околу 10 000 луѓе. Порано беше мирен град. Порано беше.. се додека руските воени злосторници не го срамнија со земја. Зумирајте за да видите дека ништо не останува недопрено“, се наведува во објавата на украинското министерство.
Новинската агенција АП објави фотографии од Маринка направени со дрон на кои се гледаат слични сцени.
Артем Шус, началникот на полицијата во Маринка, рече дека неговиот град е уништен.
„Маринка е целосно евакуирана, во градот нема никој освен војници. Нема начин цивилното население да живее таму. Руските сили во Маринка намерно ги срамнуваат градбите со земја за да ги уништат сите засолништа, без разлика дали се работи за цивилно засолниште или воен објект“, изјави Шус за АП.
Новинарот Кристофер Милер исто така на Твитер објави фотографии од градот Маринка.
„Маринка некогаш беше мирна заедница со 10 000 жители и улици со дрвја западно од Доњецк. Сега ќе мора да се осврнеме на тоа во минато време, бидејќи руската армија го избриша од лицето на земјата. Овие слики покажуваат апокалиптична сцена неспоива со животот“, пишува Милер.