Властите во источниот украински регион Луганск се надеваат дека денеска ќе ги евакуираат цивилите преку пет „хуманитарни коридори“ и ги повикаа жителите да заминат „додека е безбедно“.
Официјален Киев соопшти дека руските трупи се прегрупираат и се подготвуваат за нова офанзива во областа Донбас, која го опфаќа Луганск.
– Ќе ги извлечеме сите ако Русите ни дозволат да стигнеме до зборните места за евакуација. Бидејќи, како што можете да видите, тие не секогаш ги почитуваат прекините на огнот, напиша гувернерот на регионот Луганск, Сергеј Гајдаи на Телеграм.
– Апелирам до секој жител на регионот Луганск – евакуирајте додека е безбедно. Додека има автобуси и возови – искористете ја оваа можност, нагласи тој.