УЛТИМАТУМ ОД ТРАМП
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави дека САД ќе воведат 100-процентна царина за целиот канадски увоз доколку Канада реализира трговски договор со Кина.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп изјави дека канадскиот премиер Марк Карни, кого го нарече „гувернер“, сериозно греши доколку смета дека Канада може да стане транзитно пристаниште преку кое Кина ќе испраќа стоки и производи на американскиот пазар.
– Тогаш Кина би ја проголтала цела Канада, вклучително и уништување на нивните бизниси, општествената структура и начинот на живот – напиша Трамп.
Изјавата на американскиот претседател доаѓа откако Карни во понеделникот во Пекинг потпиша договор со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, со кој се предвидува намалување на царините за електрични возила, земјоделски производи и други сектори.
Договорот беше потпишан за време на првата официјална посета на канадски лидер на Кина по осум години. Во разговорите со Шји, Карни истакна дека ангажманот и соработката треба да бидат основа на новото партнерство меѓу двете земји, наведувајќи ги земјоделството, енергетиката и финансиите како области во кои е можен најбрз напредок.
УЛТИМАТУМ ОД ТРАМП
