Децата се изложени на нездрава храна уште од најмали години
Најновата анализа објавена во медицинското списание „Лансет“ (The Lancet) укажува дека ултрапреработената храна (УПФ) претставува сериозна закана за здравјето на децата глобално. Овие производи често содржат големи количини шеќер, сол, нездрави масти, индустриски скроб, како и различни адитиви, меѓу кои емулгатори, прехранбени бои и засилувачи на вкус.
Анализата покажува дека голем број деца консумираат овие производи уште во раните години. Дури и во земји со екстремна сиромаштија, децата пијат засладени пијалаци. Во 11 проучувани држави, 10 до 35 проценти од децата под петгодишна возраст консумирале такви пијалаци.
Ризици за здравјето и развојот
Со возраста, консумацијата на ултрапреработена храна продолжува да расте. Според анализата, 60 проценти од адолесцентите консумирале барем еден производ засладен со шеќер ден пред анкетирането. Во многу индустријализирани земји, повеќе од половина од дневните калории доаѓаат од ултрапреработена храна.
Истражувањата укажуваат дека овие производи ја зголемуваат шансата за дебелина, бидејќи се богати со калории и лесно предизвикуваат прејадување. Исто така, тие обезбедуваат малку витамини и минерали и ја заменуваат здравата храна, што може да доведе до нарушувања во исхраната.
Студиите исто така покажуваат врска помеѓу консумацијата на ултрапреработена храна и нарушувања на растот, депресија, хиперактивност и потешкотии во учењето. Според авторите на анализата, индустријата ги максимизира профитите со овие производи, но тие се несоодветни за детската исхрана и развој.
