Премиерот Ковачевски очигледно беше последниот, кој за камери и за сатисфакција на скапо платените пиар активности, доручкуваше во еден од студентските домови во Скопје, велат од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

-Според најновите најавени промени, студентите од домовите „Стив Наумов” и „Гоце Делчев” нема да добиваат доручек како дел од својот престој и истите се упатени да ги искористат средствата од студентскиот оброк, со кој владата промовираше подигнување на студентскиот стандард.

Јавно ги прашуваме министерот и претставниците од Министерството за образование и наука, како е можно, државата да наоѓа стотици милиони евра за матни зделки и тендери во четири очи, а имаат проблем со наоѓање цели 140 денари за студентски оброк? Зошто во време на двоцифрена инфлација и сѐ потежок живот за сите граѓани, Владата вложува напори да компензира смешни 140 денари, кои и онака се недоволни за достоен живот на еден студент?

Премиере, студентите веќе научија да се снаоѓаат сами и се навикнаа со маки да го поминуваат секој нов ден. Во период кога донесовте понижување и трагедија во секое поле на државните работи, вие продолжувате да си поигрувате и со нас. Можеме да ви ветиме само едно – одговорот ќе биде соодветен, а ќе се соочите со нашиот гнев на улиците, но и преку гласачкото ливче, додаваат од УМС.