Агенцијата за култура на ОН УНЕСКО препорача Венеција да се додаде на листата на загрозено светско културно наследство, велејќи дека италијанските власти мора да ги засилат напорите за заштита на историскиот град и неговата околна лагуна.

Во својата препорака, УНЕСКО наведува дека Венеција ризикува „неповратна“ штета поради низа проблеми кои се движат од климатски промени до масовен туризам. Препораката сега ќе оди на усвојување на состанокот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Ријад во септември.

 

„Ефектите од континуираното влошување поради човечка интервенција, вклучително и континуираниот развој, влијанијата од климатските промени и масовниот туризам, се закануваат да предизвикаат неповратни промени на извонредната универзална вредност на имотот“, соопшти УНЕСКО.

„Некои од овие долгорочни проблеми веќе доведоа до влошување на вродените карактеристики на имотот и неговите атрибути“, наведува УНЕСКО, предупредувајќи дека развојните проекти кои вклучуваат високи згради ризикуваат да имаат значително негативно визуелно влијание.

“Понатаму, комбинираните ефекти од човечките и природните промени предизвикуваат влошување и оштетување на градежните објекти и урбаните области“, се додава.

Во соопштението се наведува дека севкупно има недоволен напредок од италијанска страна во решавањето на овие прашања и дека тоа дополнително било спречено поради недостатокот на севкупна заедничка стратешка визија.

Во нацрт-резолуцијата подготвена за усвојување од Комитетот за светско наследство се наведува дека нема „значителен напредок во решавањето на постојаните и сложени прашања и се додава дека мерките што ги предложи Италија се уште се недоволни и имаат потреба од понатамошен развој.

УНЕСКО соопшти дека се надева оти влегувањето во листата на загрозено културно наследство ќе резултира со поголема посветеност и мобилизација на локални, национални и меѓународни актери.

Венеција беше вклучена во листата на светско наследство во 1987 година, но нејзината состојба е загриженост на УНЕСКО веќе неколку години.

Избегна да биде прогласена за загрозено светско наследство во 2021 година, неколку недели откако Италија забрани влез на големи бродови за крстарење во центарот на градот, пренесува АФП.