Унгарската компанија „4иГ“ преку „Оне Македонија телекомуникации“ е единствениот понудувач на тендерот за нов мобилен оператор

Само една понуда стигнала на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации за доделување одобрение за нов мобилен оператор. Понудата е од „Оне Македонија телекомуникации“, македонска фирма на унгарската компанија „4иГ“.

На јавното отворање на понудите што се одржа денеска во АЕК, Комисијата за спроведување на тендерот рече дека понудувачот ги доставил сите документи и сега ќе се врши нивна евалуација. По завршувањето на евалуацијата, ќе се изготви извештај до директорот на АЕК со предлог за следните чекори. Бидејќи има само една понуда, нема да има јавно наддавање.

Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тендерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека конкуренцијата е здрава работа и очекува пониски цени во мобилната телефонија.

„Конкуренцијата е здрава работа и мора да има конкуренција. Јас во една прилика кажав, дали ќе влезе или не трет мобилен оператор во државава, еве влегува, зависи само од постојните два оператори. За жал, во овие година и нешто ништо не направија ниту да ги подобрат услугите ниту да ги намалат цените,“ рече Николоски на новинарско прашање пред денешниот состанок со раководството на Стопанската комора.