Договорот ЕУ–САД е економски автогол и навреда за европските земји, посебно за Унгарија, оцени Орбан

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денеска остро го нападна договорот ЕУ–САД за царини и трговија. Тој оцени дека договорот е економски автогол за цела Европа и директна штета за унгарската економија.

„Ова е ужасен економски договор. Европа сама си даде автогол. Ако преговаравме сами, ќе имавме подобар договор со САД“, изјави Орбан.

Според него, новиот договор ја става Унијата во подредена положба и го загрозува европскиот извоз.

„Европските стоки ќе се царинат со 15%, додека американските нема да плаќаат царина. Тоа е целосно нерамноправно“, рече Орбан.

Тој најави дека владата ќе изготви акциони планови за заштита на работни места и индустриски капацитети.

Орбан нагласи дека Унгарија извезува стоки во вредност од 11 милијарди долари годишно во САД.

„Не смееме да дозволиме договорот да предизвика отпуштања или затворање фабрики“, порача тој.

Премиерот истакна и друга контроверзна точка во договорот, поврзана со воена помош за Украина.

„Се обврзавме финансиски да учествуваме во снабдување со оружје, без никаква европска одлука. Тоа е неприфатливо. Доколку сакаме соработка со САД за Украина, треба да има посебен договор, не тајна клаузула во царински пакет“, рече Орбан.

Тој додаде дека договор ЕУ–САД е направен без консултации со членките и ја нарушува довербата во Унијата.

Критики упати и шефот на кабинетот, Ѓерѓ Гуљаш, кој изјави дека ЕК дозволила ЕУ да плаќа 15% царина, а САД нула.

„Ова е понижувачки договор за Европа. Ако Унгарија преговараше самостојно, договорот со САД ќе беше многу поповолен“ рече тој.

Гуљаш додаде дека договорот ЕУ–САД ги жртвува интересите на помалите земји и им нанесува реална економска штета.