Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) Филипо Гранди објави дека досега 10 милиони луѓе ги напуштиле своите домови во Украина, како резултат на руската воена операција, што е повеќе од една четвртина од нејзиното население.
– Меѓу одговорностите на оние кои се во војна, насекаде низ светот, е и страдањето на цивилите кои се принудени да ги напуштат своите домови. Војната во Украина е толку разорна што 10 милиони луѓе побегнаа, се раселени во земјата или побегнаа во странство, напиша Гранди на Твитер, објави Би-Би-Си.
Руската воена операција во Украина почна на 24 февруари и оттогаш милиони луѓе побегнаа во соседните земји. Само Полска прими повеќе од два милиона украински бегалци.