Високиот комесар за бегалци, Филипо Гранди вели дека значителен напредок е постигнат последниве неколку години, но владите мораат да сторат повеќе за да ги затворат правните и процедуралните празнини кои продолжуваат да оставаат милиони луѓе без државјанство или да дозволуваат деца да се раѓаат без државјанство.
Според УНХЦР, бездржавјанството, или состојбата во која не си признаен како државјанин на ниедна држава, влијае на милиони лица низ светот.
Како што посочуваат, лицата без државјанство често не можат да пристапат на најосновните права, вклучувајќи ја и можноста да одат на училиште, легално да работат, да пристапат до здравствени услуги, да стапат во брак или да го запишат раѓањето на своето дете.
-Откако УНХЦР ја започна својата кампања #ЈасПрипаѓам во 2014г. за да привлече внимание и да крене глас за искоренување на бездржавјанството во светот, повеќе од 400.000 лица без државјанство во 27 држави имаат добиено државјанство, додека десетици илјади лица во Азија, Европа, Африка и Америките сега се на патот кон државјанство како резултат на новоусвоените законски измени, се наведува во соопштението на УНХЦР.
За време на последните седум години, 29 држави пристапија на Конвенциите за бездржавјанство, со што испратија сигнал за политичка волја за негово искоренување.
-Нè охрабрува глобалниот залет за решавање на бездржавјанството, кое можеме да го искорениме со усогласени напори на Државите. Но,без да забрза напредокот, милионите лица кои остануваат лишени од државјанство ќе бидат заглавени во безизлез и нема да можат да пристапат на најосновните човекови права, смета Гранди.
Според УНХЦР, бездржавјанството има многу причини кои типично се резултат на празнини или фалинки во законите за државјанство и начинот на кој тие се спроведуваат. Дискриминацијата – вклучувајќи врз основа на етникум, религија и род – е главен фактор на бездржавјанството.
-Бидејќи не се препознаени како граѓани, лицата без државјанство често се лишени од законски права или основни услуги. Ова ги прави политички и економски маргинализирани и ранливи од дискриминација, експлоатација и злоупотреби. Тие исто така е можно да немаат пристап до тестирање, третман или вакцинација против КОВИД-19, а може да имаат и ограничен пристап до поддршка или заштита од климатските ризици, соопштија од УНХЦР.
Притоа, посочуваат дека владите ја имаат моќта да усвојуваат правни реформи и реформи на политиките кои можат да им помогнат на лицата без државјанство на својата територија да добијат државјанство или да го спречат бездржавјанството воопшто да се случи, понекогаш со еден потег на пенкалото или со релативно проста законска измена. Тоа останува прашање кое лесно се избегнува и решава.
Децениската кампања на УНХЦР, #ЈасПрипаѓам, бара од државите да стават крај на бездржавјанството до 2024 година.