УНИЦЕФ ја поздравува заедничката одлука на Синдикатот за образование, наука и култура и Министерството за образование и наука за продолжување на наставата додека трае процесот на преговори во наредните недели.
– Со оглед на задоцнетиот почеток на учебната година и пролонгираниот штрајк на наставниците, императив е не само да се избегнат дополнителни загуби во учењето, туку образовниот систем да закрепне од постоечката криза во учењето и да ја ублажи долгорочната штета врз добросостојбата на децата, севкупниот развој и продуктивноста на општеството. Голема е веројатноста дека овие загуби ќе имаат негативно влијание врз децата денес, но ќе се одразат и на нивната иднина и социо-економскиот развој на земјата, се вели во соопштението од УНИЦЕФ.
Исто така, УНИЦЕФ го поздравува и го охрабрува вклучувањето и учеството на младите во изнаоѓање решенија за да се надомести пропуштеното во учењето, да продолжи наставата и да се најдат решенија за државната матура. Воедно, УНИЦЕФ потсетува дека, особено во ситуации во кои децата и младите го носат најголемиот товар, одговорност е на општеството како целина да создаде услови тие безбедно да го изразат своето мислење онлајн и преку други канали и ги повикуваат медиумските професионалци да ги задржат високите стандарди на известување кога се вклучени деца и млади, како и досега.
– Сега кога децата се повторно во училишните клупи, неопходно е наставниците да го оценат нивото на знаење на учениците и да обезбедат настава прилагодена на потребите и нивото на детето за да се постигнат планираните резултати во учењето. Треба исто така да имаме на ум дека една учебна година се остварува со 172 дена настава, а не со достигнување фиксен датум во календарот. Во тој контекст, го охрабруваме Министерството за образование и наука да изнајде решенија кои ги вреднуваат различните потреби на учениците имајќи го предвид најдобриот интерес на учениците. Најверојатно таквата флексибилност и разновидни решенија ќе бидат потребни и за државната матура, се вели во соопштението од УНИЦЕФ.
Уште еднаш, УНИЦЕФ го поздравува заедничкото решение кое обезбедува приоритет на најдобриот интерес на децата. Додека траат преговорите помеѓу Владата и СОНК, УНИЦЕФ ги охрабрува сите чинители да се стремат кон решенија со кои ќе се одбегнат какви било понатамошни прекини во учењето на децата и да ги земат предвид многу потребните пошироки образовни реформи кои ќе овозможат остварување на правото на децата на квалитетно и инклузивно образование.