Во денеска објавениот извештај, УНИЦЕФ наведе дека Ковид-19 го загрозил повеќедеценискиот напредок во однос на клучните прашања кои ги загрозуваат детствата на децата во светот, како што се сиромаштија, пристап до образование, неухранетост и душевна благосостојба.
Извршната директорка Хенриета Форе рече дека негативното влијание од Ковид-19 продолжува да се продлабочува, зголемувајќи ја сиромаштијата, нееднаквоста и загрозувајќи ги детските права.
Како што се зголемува бројот на гладни деца, деца кои не одат на училиште, кои се малтретирани, живеат во сиромаштија и принудени на брак, така се намалува бројот на деца со пристап до здравствена заштита, вакцини, доволна храна и најосновни услови. Во годината кога требаше да напредуваме, ние назадуваме, нагласи таа.
Во извештајот се проценува дека поради пандемијата, дополнителни 100 милиони деца сега живеат во сиромаштија, што е за 10 отсто повеќе од 2019 година.
Во 2020 година, повеќе од 23 милиони деца останаа без основните вакцини – повеќе од речиси 4 милиони отколку во 2019 година, што е највисока бројка во последните 11 години, се вели во извештајот.
– Во време на глобална пандемија, растечки конфликти и влошување на климатските промени, пристапот дека треба да се стави детето на прво место – никогаш не бил поважен, рече Форе.
– Ние сме на крстопат. Додека работиме со владите, донаторите и другите организации за да започнеме да создаваме заеднички пат за следните 75 години, децата треба да бидат први во редот за инвестиции и последни во редот за кратења.
Ветувањата за нашата иднина зависат од приоритетите што ги создаваме во сегашноста, рече таа.