Анксиозност и страв чувствуваат сè поголем број ученици. Затоа УНИЦЕФ заедно со претставници од Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО), денеска се сретнаа со тим од професионалци и експерти за ментално здравје за да разговараат за итни активности кои ќе обезбедат дополнителна поддршка на децата во последните шест недели од оваа учебна година.

„Според истражувањата на УНИЦЕФ, има сè поголем број деца кои чувствуваат анксиозност. Професионалците и експертите присутни на состанокот потврдија дека анксиозноста и стресот кај децата се зголемени, особено по неодамнешниот бран закани со бомби во училиштата во земјата и откако беа изложени на вести за трагичниот настан во училиштето во соседна Србија“, наведено е во соопштението до јавноста на УНИЦЕФ.

На состанокот одговорните се согласиле дека е потребно да се вклучи целото општество за да се овозможи училиштето да остане безбедно место за сите деца и за да се обезбеди советување и поддршка на децата во сите услови.

„Потребна е дополнителна и итна поддршка на менталното здравје на децата и младите во училиштата. УНИЦЕФ ги повикува раководствата на училиштата да се погрижат стручните соработници, односно психолозите, педагозите, специјалните едукатори и другите да бидат целосно посветени во обезбедување поддршка за децата и колегите во последните шест недели од учебната година“, велат од УНИЦЕФ.

Одговорноста за идентификување и поддршка на децата кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје мора да остане во доменот на работа на стручниот кадар и товарот за идентификување и пријавување проблеми не треба да падне врз децата, додаваат оттаму.

„Родителите треба да имаат пристап до програми за родителство. Училиштата да овозможат безбедна и поттикнувачка средина за учење и децата да имаат пристап до услуги и поддршка за ментално здравје. Посебни услуги да бидат достапни за сите деца на кои им е потребна специјализирана поддршка. УНИЦЕФ е подготвен да ја поддржи Владата во напорите за справување со сите форми на насилство и предизвици со менталното здравје со кои се соочуваат децата и младите“, велат во УНИЦЕФ.