Четириесет и осумгодишниот Дејти О’Корен се соочува со обвиненија за употреба на секира и галиум, високо корозивна супстанца, со кои предизвикал штета од милиони долари на авион C-130 Херкулес на американската Национална гарда на воздухопловството. Военото летало било паркирано на пистата на аеродромот Шенон во Ирска.

Тој неовластено влегол на аеродромот, каде биле сместени неколку американски воени лица заедно со нивната опрема, а потоа поминал неколку часа уништувајќи го авионот на 11 април 2026 година.

Ирскиот државјанин О’Корен, кој во јавноста е познат и под името Дејвид Куран, го планирал нападот со месеци. Од Министерството за правда на САД наведуваат дека тој претходно детално го истражувал дизајнот на леталото, како и најсоодветното место за пробивање на безбедносните бариери на аеродромот.

Осомничениот бил уапсен дури откако екипажот на авионот се вратил за да го продолжи патувањето кон следната дестинација. Членовите на екипажот го забележале О’Корен низ прозорецот на пилотската кабина и веднаш го известиле обезбедувањето на аеродромот Шенон.

Потоа напаѓачот бил забележан како бега низ отворот, пред да застане за дополнително да ја оштети надворешноста на авионот со секира. Тој исто така истурил мешавина од метални пелети и засега непозната супстанца директно во резервоарот за гориво на воздухопловот.

Според Министерството за правда на САД, нападот резултирал со целосно уништување на воениот авион. Во обвинението поднесено во федералниот суд за Јужниот округ на Њујорк се наведува дека авионот C-130H е трајно онеспособен за употреба и никогаш повеќе нема да биде вратен во оперативна состојба.

О’Корен е обвинет за кривично дело уништување на владин имот, за кое е предвидена максимална затворска казна од 10 години.

Истрагата покажала дека тој со месеци го проучувал дизајнот на леталото пред да набави неколку капсули галиум, метал кој е во течна состојба на собна температура и предизвикува брза корозија на алуминиумот и челикот за само неколку минути.

Покрај тоа, набавил разни алатки наменети за нападот и на интернет барал координати на можни локации за упад на аеродромот Шенон. Тој исто така се претплатил на дигитален сервис за следење на воени авиони и детално ги истражувал претходните инциденти врз американски воени летала во ирскиот воздухопловен центар, па дури и контактирал лице кое учествувало во еден од тие настани.

Американското Министерство за правда истакна дека осомничениот покажал познавање на внатрешниот распоред на авионот и на најефикасните методи за уништување на клучните системи.

По влегувањето на аеродромот Шенон утрото на 11 април, тој се упатил кон авионот кој привремено слетал во Ирска на пат кон друга дестинација. Откако пристигнал до патеката за рулање, го оштетил механизмот за заклучување на задната врата и се забарикадирал внатре.

Внатре во авионот, О’Корен ги пресекол електричните инсталации и хидрауличните водови, ги скршил сите мерни инструменти во пилотската кабина и ги пробил воздушните канали.

„Овие обвиненија испраќаат јасна и моќна порака дека нападите врз американските воени средства, а со тоа и нашата национална безбедност, нема да бидат толерирани“, изјави Мекдоналд.

Помошникот-директор на Федералното биро за истраги потврди дека агенцијата активно раководи со меѓународната истрага.

„ФБИ и нашите партнери за спроведување на законот ќе продолжат да гонат секој што ги таргетира американските воени средства, без оглед каде се случуваат овие напади“, изјави Барнакл Џуниор.

Овој напад следува по три претходни безбедносни инциденти на аеродромот Шенон забележани во текот на 2025 година. Минатиот ноември три лица со комбе влегоа во забранетата зона каде што беше паркиран воен авион Ц-40. Во средината на мај минатата година три лица успеаја да влезат во кругот и да испрскаат воен авион со спреј, додека неколку недели претходно ирските власти уапсија три лица откако удрија со комбе во заштитната ограда на аеродромот.