Министерството апелира за почитување на законските процедури за заштита на споменик на културата
Во Струга беше оштетен споменик на културата при ископи за изградба на соседен објект, при што е уништен јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција. Министерството за култура попладнево соопшти дека се работи за објект кој се наоѓа во Првата зона на градот, под строг режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
Стручните лица од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот.
„При увидот се констатирани значителни оштетувања – рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект. Наодот и предлогот за натамошно постапување се доставени до Управата за заштита на културното наследство – Скопје“, соопшти Министерството.
Инспекциската служба на Управата за заштита на културното наследство ќе постапи согласно своите надлежности за заштита и зачувување на вредностите на овој споменик, заштитен со решение од 2017 година. Министерството остро реагира на секое неодговорно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до инвеститорите и граѓаните да се придржуваат кон законските процедури и условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на државата.