Најголем дел од жртвите се во Иран

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток одзеде голем број детски животи. Според податоците на Фондот за деца при Обединетите Нации – УНИЦЕФ, речиси 200 деца загинале од почетокот на американско-израелските напади врз Иран.

Најмалку 181 дете се убиени во Иран. Седум деца загинале во Либан, три во Израел и едно во Кувајт.

„Децата не ги почнуваат војните, но за нив плаќаат неприфатливо висока цена. Воената ескалација на Блиски Исток веќе имаше разорно влијание врз децата“, се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.

Спор околу нападот врз училиште во Минаб

Според Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), на 28 февруари, првиот ден од нападите на САД и Израел врз Иран, било погодено училиште за девојчиња во Минаб во јужниот дел на земјата.

Во нападот, како што тврди ИРГЦ, загинале најмалку 175 ученички.

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи ги обвини САД и Израел за убиството на ученичките.

Израелската војска соопшти дека немало израелски или американски напади во таа област. Од САД, пак, наведуваат дека се гаѓаат исклучиво воени цели и дека е најавена истрага за нападот во Минаб.