Актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Илија Стоилев, е уапсен попладнево, дознава Канал 5 од полициски извори.
Стоилев ја презеде функцијата на 26 јули 2024 година, а во јавноста е познат по изјавата дека програмата ИПАРД 2 е реализирана со повеќе од 85%, по што, како што тврдеше, Европската Унија ја прогласила Македонија за лидер во регионот во искористување на европските фондови.
Во јуни годинава, само два месеца по неговото назначување, Стоилев јавно посочи на сериозни проблеми што ги наследил од претходното раководство, откривајќи дека над 70 предмети биле нерешени и дека рокот за завршување на кампањата бил до 31 декември 2024 година.
„Кога стапив на должност, се соочив со еден сериозен проблем каде што минатата власт оставила преку 70 предмети нерешени, а краен рок за завршување на кампањата беше 31.12.2024. Ни останаа неполни четири месеци за затворање на целиот овој програм,“ изјави тогаш Стоилев.
Тој потсети дека Агенцијата има задача да ја спроведува исплатата на средства по владините програми преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а тие исплати мора да бидат поткрепени со документација и докази за реално остварени инвестиции и производство.
За причините и деталите околу апсењето сè уште нема официјални информации.
Стоилев, пред да стане директор, беше претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе.
