Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности што се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор со цел да се утврди фактичката состојба поради која обвинетиот Сашо Мијалков денеска не е спроведен од затворот Струга на судење за случајот „Титаник 2“.
– Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни. За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана, се наведува во соопштението од Управата за извршување на санкции.
На денешното рочиште за „Титаник 2“ обвинетиот Сашо Мијалков не беше спроведен од затворот во Струга. Од Основниот кривичен суд потврдија дека Мијалков не се појавил на судењето и покрај тоа што бил уредно поканет за што судијата пред странките ја покажал испратницата со наредба за спроведување.
Претходно, МИА се обиде да стапи во контакт со затворот во Струга, за да ја дознае причината за неспроведувањето, меѓутоа оттаму не доби одговор.
Кривичниот суд во 2019 го осуди поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков за примање награда за противзаконито влијание.
Според обвинението на СЈО, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.
Во декември истата година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.