Во општина Василево се реализираат активности за подобрување на спортската инфраструктура преку плански и континуирани вложувања. Последната работна активност на терен е насочена кон уредување на теренот на фудбалското игралиште во населеното место Пиперево.

Фудбалскиот клуб „Единство“ од Пиперево се натпреварува во Општинската фудбалска лига – Струмица и на овој начин добива обновени услови за одигрување на своите натпревари. Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, посочи дека активностите на терен ја потврдуваат локалната посветеност кон развојот на спортот и создавањето квалитетни содржини за граѓаните, особено за младата популација.

„Се врши валирање на теренот на големото фудбалско игралиште во Пиперево, а денес се чисти и просторот околу игралиштето, со цел да се создадат подобри услови за фудбалерите. Општина Василево продолжува финансиски да го поддржува ФК „Единство“, затоа што вложувањето во спортот е вложување во младите и иднината на нашите села“, стои во информацијата објавена на социјалните медиуми.