Во јавниот автобуски превоз од понеделник ќе се вклучат дополнителни 55 автобуси, а до Нова година ќе има уште 20 автобуси, соопшти скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој функцијата ја презеде вчера.
„На мое големо задоволство, денес остварив средба со приватните превозници. Со добра координација и заедничка волја, за помалку од 48 часа откако ја преземав функцијата градоначалник на градот Скопје, успеавме да постигнеме договор кој значи конкретен чекор напред, а тоа е дека веќе од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици“, порача градоначалникот, велејќи дека до Нова година во системот ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што јавниот превоз ќе биде целосно нормализиран.
Исто како и вчеравечер со камионите за ѓубре и другата механизација на почетокот на големата акција за чистење на Скопје, и денеска на паркингот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ беа паркирани десетиците автобуси, како декор пред кој новиот градоначалник го објави постигнатиот договор.
Ѓорѓиевски во својата објава на Фејсбук вети и дека до март следната година, во соработка со Владата и Министерството за транспорт, ќе се обезбедат уште 80 нови автобуси.
„Заедно со градскиот воз кој веќе ја започна првата фаза на реализација и со проектот БРТ, започнуваме циклус на трајно решавање на сообраќајниот хаос кој со години го оптоварува нашиот град. Свесен сум во каква состојба се наоѓа Скопје. Свесни се и скопјани. Но, како никогаш досега сум мотивиран да го направиме нашиот град достоинствено, чисто и современо место за живеење. И ќе успееме. Го имате мојот збор!“, вети новиот скопски градоначалник.
