Предложените закони не се поврзани со исполнување на стандардите на ЕУ и ние ја изразивме нашата загриженост на македонските власти и бараме дополнителни објаснувања, вели портпаролот на Европската комисија Петер Стано, одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК за осумте закони во врска со изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10Д, кои Владата ги испрати на усвојување со европско знаменце за да се скрати процедурата. Од ЕК велат дека европското знаменце не треба да се користи за да се прескокне јавна расправа или за надминување на процедурални тешкотии во законодавството.

„ЕУ го следи развојот во врска со ова прашање и побара дополнителни објаснувања од властите. Означување на закони со европското знаменце е со цел да се усогласи македонското законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на ЕУ. Во овој случај, предложените закони не се поврзани со усогласување на ваквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост на националните власти и побаравме дополнително разјаснување. Употребата на скратени процедури треба да биде ограничена и да се користи само во случаи за унапредување на рефорската агенда во врска со ЕУ. Не треба да се користи за прескокнување на јавна расправа или за надминување на процедурални тешкотии во законодавството“, изјави Стано за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Денеска во Прилеп беше поставувањето на камен-темелник на автопатот Прилеп-Битола. Проектот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10Д треба да чини најмалку 1,3 милијарда евра. Покрај Прилеп– Битола, конзорциумот „Бехтел и Енка“ ќе ги гради и делниците Тетово–Гостивар–Букојчани и Требеништа–Струга–Ќафасан