Алијансата за Албанците донесе одлука да се оддели од коалицијата предводена од Али Ахмети, откако претседателството на партијата по локалните избори одлучило да дејствува самостојно. Партијата најави дека нејзините пратеници во Собранието во наредните денови ќе ја обработат одлуката за функционирање како независна група.
Од партијата соопштија дека одлуката била донесена едногласно по, како што наведуваат, „суштински и многу важни дискусии“.
Иако Алијансата располагa со четворица пратеници, што не е доволно за формирање самостојна пратеничка група, Зијадин Села засега не е достапен за коментар како ќе се организираат во Парламентот.
Политичката дистанца од коалицијата доаѓа и по неуспешниот обид на Села преку албанските медиуми да постави услови за разговори со премиерот Христијан Мицкоски за евентуален влез во владината коалиција и обезбедување на бадинтерово мнозинство. Премиерот, според објавеното, не ги разгледал условите и порача дека „нема да прифати никакви ултиматуми и условувања“.
Заминувањето на Села претставува уште еден удар за ДУИ, откако пред него од коалицијата се повлече и Тачи. Сепак, пратеничката група на ДУИ тврди дека не гледа проблем во понатамошното делување.
Паралелно, од движењето „Вреди“ велат дека интензивно разговараат со пратеници од ДУИ за преминување во владиното мнозинство, а случувањата ги оценуваат како доказ за распад на коалицијата на Ахмети.
„Она што се случи вчера со заминувањето на АА на Зијадин Села и заминувањето на Кренар Лога од оваа коалиција јасно ја покажува длабоката внатрешна криза, недостатокот на кохезија и неуспехот да се изгради одржлива политичка понуда. Нивниот континуиран недостаток на координација веќе стана модел на неуспех, не само што не успеваат да обликуваат заедничка насока, туку секој ден докажуваат дека оваа коалиција функционирала само како засолниште за тесни лични интереси, а не како политички проект за Албанците“, наведоа од „Вреди“.
