Секторот за избори при Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина донесе одлука за одземање на мандатот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Мерката следи по правосилна пресуда со која му се изрекуваат една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции.
Веднаш по објавата, Додик реагираше на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) со две пораки. Во првата напиша: „А што ако одбијам?“, а во втората, со многу поостар тон: „Уште едно го**о од Сараево. Последно.“ Со тоа испрати јасен сигнал дека нема намера да се повлече доброволно, и покрај пресудата на Судот на БиХ.
Адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, најави дека ќе биде поднесена жалба до Апелацискиот оддел на Судот на БиХ, заедно со барање за привремено одложување на извршувањето на казната. По тоа, планот е предметот да стигне и до Уставниот суд на БиХ.
Паралелно, Владата на Република Српска одржа вонредна седница на која усвои осум заклучоци, меѓу нив и формално отфрлање на пресудата и повик до политичките партии во регионот да застанат зад актуелниот претседател. Во најавите е и ново заседание на Народното собрание на РС.
Додека правната битка продолжува, политичкиот став на Додик најавува бурен период во наредните месеци. Доколку се спроведе одземањето на мандатот, функцијата привремено ќе ја преземе потпретседателот Дамир Прњиќ од ХДЗ, во јавноста познат и како „Хрватот на Додик“.