Врховниот судија Наке Георгиев кој пред нецели две недели беше избран за член на Судскиот совет денеска поднесе оставка од функцијата и тоа пред да ја даде свечената заклетва во Собранието.
Причина за ова е тоа што неговиот син Кирил Георгиев денеска треба да биде избран за судија како завршен академец на Академијата за судии и јавни обвинители, па ако неговиот татко, судијата Георгиев ова утро дадеше заклетва во Собранието тогаш тоа ќе беше законска пречка неговиот син да биде избран за судија.
Според Законот за судовите пишува дека за судија или судија поротник не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.
Токму од оваа причина денеска и во Собранието се одвиваше вистинска драма затоа што првично положувањето на заклетвата беше закажана за 9:30 часот утрово по што истото беше презакажано за 14 попладнево.
Освен денешната оставка и изборот на синот за судија, судијата Георгиев го пратат контроверзи и претходно.
Судскиот совет ја запре дисциплинската постапка против Георгиев, еден ден откако го стави за единствен кандидат од Врховен суд за член на Судскиот совет.
На изборите на 13 јули за Георгиев гласаа шест од 13 судии на Врховниот суд. Еден од шесте гласа беше негов а останатите пет од неговите колеги од судот. Другите гласачки ливчиња беа неважечки.