Караванот на СДСМ -„Најдоброто за мојата општина“ денеска ќе ги посетат жителите на Могила, Прилеп, Ѓорче Петров, Центар и Карпош, а „Создади нова иднина!“ на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, Долнени, Кривогаштани, Крушево и во Прилеп.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера од Ново Село на митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните рече дека кај Заев нема ништо европско и дека кога ќе слушнеле полна уста за Европа да веруваат дека повторно кажува една нова лага.

Според него, состојбата во сите сфери на економијата е катастрофална, а од политиките на власта најмногу биле погодени земјоделците, чие производство не се откупува, како што било со оризовата арпа, грозјето, јаболката и други земјоделски производи

-Затоа во тие говори на Заев кои се преполни со ЕУ нема да го слушнете зборот инфлација или нискиот стандард и нема да слушнете цената на млекото, на зејтинот, на брашното, споредено со минатата година е драматично зголемена, потенцираше Мицкоски.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера од Крушево нагласи дека земјава е вратена на патот на интеграција кон ЕУ, а дека дома се вратени слободата и демократијата и дека е подигнат животниот стандард на граѓаните.

– На локално ниво инвестиравме во проектите што живот значат за општините и граѓаните. Изградивме и реконструиравме над 1.000 километри патишта. Изградивме 60 детски градинки, реконструиравме, изградивме нови 80 училишта, 34 болници, 20 домови на култура, театри, општински згради, изградивме објекти и проекти вредни повеќе од 500 милиони евра, истакна Заев.

Тој вети дека ќе продолжат и со рехабилитација на патиштата за Крушево да биде уште подобро поврзано со другите градови и населени места и додаде дека ќе инвестираат во секој проект што значи унапредување на инфраструктурата и привлекување туристи во текот на целата година.За следните четири години, Заев рече дека е предвидено Крушево целосно да се гасифицира, со што, според него, ќе се придонесе за заштита на природата и ќе доведе до намалување на трошоците за загревање на домаќинствата.