Како што информираше министерот за здравство, Венко Филипче, двајцата се стабилни, со полесни повреди и ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, вчера изјави дека се очекува останките од телата на починатите да пристигнат оваа недела.
Хоспитализираните пациенти во Скопје се пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма” во Република Бугарија при која преживеаја седуммина од вкупно 52 патници.
– Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат, ќе бидат хоспитализирани, по што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман, изјави Филипче во саботата, кој додаде дека пристигнале колегите од психијатрија со цел да се даде и психолошка помош.
Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче рече дека сегашната најава е дека тројца други пациенти треба да пристигнат денеска.
– Сите се во стабилна состојба и сите се со полесни повреди, освен едниот пациент кој имаше два хируршки зафати, еден поради скршеница на потколеницата и друг поради нешто посериозно, скршеница на два пршлени, и тој е во стабилна состојба, така што сите овие останати имаат повреди кои се во сферата на пластичната хирургија – посекотини, нагмечувања и така натаму, а тој пациент во сферата на трауматологијата, додаде Филипче.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера изјави дека планира да контактира со семејствата на загинатите во автобуската несреќа што се случи во Бугарија за, како што рече, да ги чуе нивните очекувања по однос на пренесувањето на телата и процедурите понатаму.
На новинарско прашање за комуникацијата со бугарското МНР околу испраќањето на останките од телата на починатите, Османи изјави дека се во постојана комуникација и ги прават подготовките и плановите за пренесување.
– Беше најавено една недела од случувањето на несреќата, меѓутоа има различни проекции, дека може да биде еден ден потоа, до крајот на неделата. Така што, не можеме точно да знаеме бидејќи сето тоа ќе зависи како во лабораторија ќе се одвива процесот на идентификација преку ДНК материјалите, изјави Османи.
Дополни дека очекуваат тоа да биде во текот на неделата, меѓутоа, точниот датум, како што кажа, „сè уште не можат да го потврдат“.
ДНК-профилите за идентификацијата на жртвите во автобуската несреќа во Бугарија, заедно со записници за испитување на осум сведоци, како и целокупната документација за автобусот од компанијата „Беса транс“ и Министерството за транспорт, во саботата беа предадени на бугарските обвинители од страна на Јавното обвинителство за Република Северна Македонија.
Државниот јавен обвинител, Љубимир Јовески, на прес-конфернеција со бугарските обвинители во Скопје, рече дека се обезбедуваат и други докази, а се продолжува и со сослушување на други лица кои може да дадат сознанија за расчистување на трагичниот настан.
Јовески посочи дека во ОЈО Скопје е отворен предмет за „Беса транс“ и податоците што ги собираат на барање на бугарските обвинители, во исто време ги користат и во делот на тој предмет, а со цел расчистување на сите ситуации поврзани со несреќата, од документација за автобусот, до тоа како тој ги поминувал границите.
– Ние ги прибираме потребните документации, а потоа ќе донесеме соодветна одлука. Веднаш по сообраќајната несреќа документацијата од команијата „Беса транс“ е одземена. Ве уверувам, кое било лице, доколку има основ, Обвинителството ќе отвори постапка, изјави Јовески.
На прес-конференцијата, истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија, Младен Христов Петров, посочи дека се работи на сите верзии кои не се отфрлени, но, бидејќи несреќата е голема и се собираат многу докази, во ваква ситуација истрагата треба да продолжи и не може да се даде дефинитивна верзија за причините за несреќата.
Заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник, Бисер Јорданов Михајлов, посочи дека координацијата и соработката меѓу судските и државните власти на двете земји е на високо ниво, посочувајќи дека ќе продолжи со исто темпо, и, како што кажа, „по ДНК анализата телата ќе бидат вратени во најбрз можен рок“.
Прашан дали патот и лошата сообраќајна сигнализација се можни причини за несреќата, Михајлов рече дека откако ќе бидат завршени сите анализи и експертизи, тогаш ќе може да имаат конечен одговор дали лошата сигнализација е некаква причина за сообраќајната несреќа.
Околу истото, Петров изрази уверување дека сите претпоставки и прашањата што се поставуваат во медиумите се проверуваат и дека моментално експертската служба за пожари работи и очекуваат да ги утврдат причините за избувнување на пожарот.
Во несреќата што се случи рано изутрина на 23 ноември на автопатот „Струма“, загинаа 45 лица. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.