Граѓани денеска побараа дислокација на фабриката „Усје“ надвор од градското подрачје, протестирајќи на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје, со образложение дека цементарницата, според нив, континуирано го загадува воздухот во главниот град.
Организаторите на протестот, од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, порачаа дека нивното барање се темели на подолг период на следење на работењето на фабриката и на заклучоци кои, како што велат, укажуваат на сериозни еколошки проблеми.
„УСЈЕ“ НЀ ТРУЕ
„Последните месеци го истражувавме работењето на фабриката и дојдовме до заклучоци дека ‘Титан‘ е интернационална компанија која не првпат има вакви проблеми. Слични случаи се забележани и во Америка и во Египет. Се работи за мафија која наоѓа легални начини да го оправда тоа што го прави. Станува збор за странски капитал и директори кои ги трујат нашите деца“, рече Петар Керамитчиев од „Стоп за Усје“.
Неколку часа пред почетокот на протестот, од „Титан Усје“ излегоа со соопштение во кое наведуваат дека работењето на цементарницата е под континуирана контрола на Државниот инспекторат за животна средина, кој е надлежен за сите инсталации со А-Интегрирана еколошка дозвола. Како што соопштија од компанијата, последниот инспекциски увид бил извршен на 18 декември годинава, при што повторно било утврдено дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.
Од „Титан Усје“ информираат дека и на 18 ноември годинава, во ноќните часови, бил спроведен ненајавен инспекциски надзор од истата институција, при што било констатирано дека сите измерени вредности се во рамките на законски дозволеното.
Компанијата наведува дека „Титан Усје“ претставува индустриски капацитет со високо ефикасен и комплексен систем на филтрирање, при што во секој филтер има по 2.000 вреќи кои ја задржуваат прашината, која потоа повторно се враќа во производствениот процес и станува дел од финалниот производ.
„Целосно се неточни тврдењата дека компанијата ги исклучува филтрите. Филтрите се неразделив дел од производната линија, односно кога работат печките, задолжително работат и филтрите“, велат од „Усје“, додавајќи дека споредбените податоци, како што тврдат, јасно и недвосмислено укажуваат дека лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје нема корелација со работата на компанијата.
Во објаснувањето од „Титан Усје“ се наведува дека во дел од зимските месеци, кога квалитетот на воздухот во градот е најлош, компанијата ги спроведува редовните годишни ремонти на печките, при што тие се исклучени. Од друга страна, како што велат, во летниот период, кога печките работат со полн капацитет, амбиенталниот воздух во градот е со најмало загадување, што, според нив, е потврдено и со резултатите од мерењата.
Од компанијата истакнуваат дека „Титан Усје“ поседува А-Интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, која предвидува обврска за 24-часовен мониторинг на издувните гасови, согласно европските стандарди транспонирани во националното законодавство.
„За таа цел, на сите точки кои се точно утврдени од надлежните институции, имаме инсталирано систем за мерење од германскиот производител SICK, кој е редовно калибриран и контролиран од овластени независни надворешни компании. Сите мерења континуирано покажуваат дека не се надминуваат законски определените Гранични Вредности на Емисии (ГВЕ), а кај дел, вредностите се неколкукратно пониски од законски дозволените лимити – на пример, кај вкупната прашина најчесто три до пет пати, а кај SO2 и неколку десетици пати пониски од дозволените. На истите емисиони точки се прават и дополнителни контролни мерења што ги вршат независни лаборатории, а резултатите од овие мерења исто така потврдуваат дека нема отстапки од законски дозволените лимити“, велат од компанијата.
„УСЈЕ“ НЀ ТРУЕ
