Докторот Бобан Вучевски е ослободен од обвинението а болницата е задолжена да плати штета од еден милион денари. Во трагедијата која се случи на 8 септември 2021 година 14 лица го загубија животот откако модуларната болница целосно изгоре за само неколку минути. Истрагата утврди низ пропусти и нерегуларности во начинот на кој функционирала модуларната болница и околу присуството на лица кои не биле хоспитализирани. Семејствата на жртвите може да бараат надомест на штета во одделни граѓански постапки

ТЕТОВО – Две условни казни и една ослободителна пресуда е епилогот од сускиот процес против поранешниот директор на болницата во Тетово, Флорин Бесими, поранешниот економски директор на болницата во Тетово, Артан Етеми и одговорниот за ковид центарот, докторот Бобан Вучевски за трагедијата во која животот го загубија 14 лица кога во септемвбри 2021 година за само неколку минути целосно изгоре модуларната болница во која беа хоспитализирани пациенти заразени со Ковид-19.

Поранешните директори, Бесими и Етеми, кои беа обвинети за „тешки дела против општата сигурност“ беа прогласени за винови и осудени на една и пол година затвор која беше заменета со условна казна во траење од три години.

Според обвинителниот акт, тие не поставиле средства за гасење на пожари и противпожарни апарати од моментот кога модуларната болбница била пуштена во употреба па се до трагедијата.

„Не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето и пациентите болни од Ковид-19. Иако биле должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии и друга против пожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати на денот на пуштање на употреба на модуларна болница па се до настанување на пожарот не поставиле соодветни уреди за заштита од пожар иако не биле свесни за можноста од настапување на штетна последица.“, стои во образложението на пресудата.

Судијата Јордан Велковски потенцираше дека Бесими и Етеми не се обвинети за предизвикување на пожарот и обвинението со ниту едно дејствие не ги обвинува обвинетите дека тие придонеле за пожарот.

Етеми не беше присутен на изрекувањето на пресудата додека Бесими изјави дека не ја разбира.

„Нити сум изведувач, ниту сум бил надзор, ниту сум ја примил модуларната болница, што постои во дел од документите дека не сум бил потписник. Само знам дека се обвинувам за ПП апарати дали имало или немало тоа во текот на судскиот процес го докажаа сведоците. Мене ми останува да се спротивставам на пресудата и да го барам моето право во повисоки судските институции“, рече Бесими.

Докторот Вучевски кого обвинителството го товареше за непостапување по здравствени прописи беше ослободен од обвининието.

Како и пред секое рочиште во текот на процесот тој имаше поддршка од голем број на граѓани и неогви пациенти кои сметаа дека тој е неправедно обвинет.

„ Голема благодарност за сите роднини и пријатели што беа со мене и не дозволија во ниту еден момент да останам сам. Благодарност на адвокатскиот тим, што цело време ме поддржуваше и ми даваше сила, да можеме да го спроведеме овој процес како што треба. Јас како докторот сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас“, рече Вучевски.

Тетовската болница е казнета со еден милион денари.

Семејствата на жртвите ќе може да ја бараат првадата и да бараат оштета во граѓанска постапка.

Трагедијата се случи на 8 септември 2021 година кога за само неколку минути целосно изгоре модуларната болница во која во моментот имаше педерсетина пациенти, медицински тим но и роднини на пацинети кои инаку не смееа да бидат во објектот.

Истрагата на МВР и на специјален тим истражители од Германија покажа дека причина за трагедијата е дефибрилатор кој бил приклучен на продолжен кабел. Лекарите се обидувале да реанимираат 21 годишна пациентка , кабелот се загреал а потоа предизвикал спој во кутијата на продолжниот кабел на кој бил приклучен. Гаснењето не било можно поради високиот процент на кислород во воздухот од пациентите кои биле приклучени на кислородна поддршка.

Пламенот за неколку моменти се прошири низ модуларната болница. Во поткровјето на модуларната болница немало прегради помеѓу модулите односно просториите и кон ходникот кои би го забавиле ширењето на огнот, покажа вештачењето на полицијата.