Пронајдени во добра здравствена состојба над манастирот Св. Архангел Михаил

Тројца македонски мотоциклисти вчера се изгубија на непристапен терен на планината Осогово, над село Саса, општина Македонска Каменица, и преку бројот 112 побарале помош.

Во 19:40 часот, СВР Штип доби пријава од Регионалниот центар за гранични работи Исток дека тројца мотоциклисти се загубени. Лицата биле лоцирани во шумски предел, околу 1000 метри над манастирот Св. Архангел Михаил, во близина на државната граница со Република Бугарија.

Со помош на дрон од Регионалниот центар за гранични работи Исток, мотоциклистите биле пронајдени во добра здравствена состојба и пренесени во Македонска Каменица. Идентитетот на спасените е утврден: Г.Д. (38) од Скопје, К.Н. (38) од Гевгелија и Д.П. (31) од Скопје. Тие не побарале лекарска помош и веднаш продолжиле со своите мотоцикли.