И оваа година Уставниот суд ја започна со некомплетен судиски состав поради заглавена процедура во Собранието, и без воведување „уставна жалба“ за граѓаните за полесно остварувањето на нивните права и слободи.
Според претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска иако работеле со помал број судии, успеале да ги надминат и сопствените проекции и во годината што измина да одржат рекорден број на седници – 46, што, како вели таа, не било случај во последните 22 години.
-Овој состав на Уставниот суд по сопствена иицијатива отвори пет предмети само во 2023 година, што е значително висока бројка, ако се земе предвид дека во последните 22 години имало вкупно 12 поведувања на постапки, отворени самоиницијативно, посочи Кацарска во отчетот за минатата година.
Уставниот суд изминатите 12 месеци донесе 25 одлуки со кои беа укинати девет одредби од закони, за кои имаше голем интерес во медиумите и јавноста, како што е укинувањето на член од Законот за Судски совет со којшто се ограничуваше претседател на Судскиот совет да биде избран само од членовите избрани од Собранието, а не и од редот на судиите.
Укинати беа и одредби од Законот за плати и надоместоци на избраните и именувани лица, повеќе одредби од Законот за градење, како и членови од Законот за средното образование со кои се правеше дискриминација на средношколците од приватните училишта при користењето на јавен превоз.
Иницијативите за законитоста и уставноста на Законот за јазици, за „Бехтел и Енка“, како и за матична евиденција ќе бидат оценувани во текот на оваа година.
За предметот за Законот за јазиците, како што вели Кацарска, на колегиум било договорено да се најде на дневен ред во октомври минатата година. Но, како што додаде, судијата кој работи на овој предмет сè уште не го доставил до неа за да го стави на седница.
Во врска пак со Законот за матични книги, претседателката на Уставен суд се надева дека одлуката ќе биде брзо донесена, бидејќи за него веќе е поведена постапка. Таа посочи дека ние сме единствената земја, каде што националноста се внесува во тие изводи, дури и во извод на умрените треба некој да каже како се чувствувал покојниот.
-Тоа е парадокс навистина, се работи за лично чувство. Националноста е исклучиво лично чувство и има повеќе земји коишто ни доставија одговор, на пример Германија, Лихтенштајн, Косово, Летонија, Хрватска, Шведска, Литванија, Мексико, Полска, Словачка, значи никаде не е предвидено националноста како задолжително произнесување на оној којшто бара извод. И токму затоа и ние поведовме постапка, вели претседателката на Уставниот суд.
Иницијативата за законот за „Бехтел и Енка“, која се однесува на работните часови на ангажираните работници за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д, според Кацарска по новогодишните празници треба да биде ставена на дневен ред.
Воведувањето „уставна жалба“ за граѓаните предизвик за 2024 година
Горливо прашање за претседателката на Уставен е воведувањето „уставна жалба“ за граѓаните, за што е потребна амандманска интервенција во Уставот но, како што вели, има недостиг на волја кај политичките партии.
Досега поддршка за воведувањето на овој правен инструмент добиле од претседателот на државата Стево Пендаровски, од дел од меѓународните претставници, а во изјава за МИА и од министерот за правда, Кренар Лога.
Токму Уставниот суд и „уставната жалба“ се наведени во петте клучни области во Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028 на Министерството за правда.
-Уставниот суд на Република Северна Македонија е опфатен во четвртата приоритетна област, каде што е наведено спроведување на процес на анализа и стручни консултации за воведување на институтот „уставна жалба“ преку измена на Уставот врз основа на темелна проценка и разгледување на нејзиното потенцијално влијание и донесување на посебен закон за Уставен суд, велат од Министерството за правда.
Со воведување „уставна жалба“ секој граѓанин ќе може да ги ужива сите права од Уставот и да бара да му се заштитат пред Уставниот суд кога e сторена повреда, без оглед на политичка, етничка или било која друга припадност, наместо правдата да ја бараат во Судот во Стразбур, нешто што ја чини државата и даночните обврзници парични средства, како и нарушен углед.