Уставната судијка Дабовиќ Анастасовска поднесе оставка – се враќа на професорската позиција на Правниот факултет при УКИМ
Уставната судијка Јадранка Дабовиќ Анастасовска денеска поднесе оставка од функцијата. Во образложението доставено до Собранието таа наведе дека причините се лични и поврзани со промени од семејна природа кои настанале во втората половина од годинава.
„Вршењето на функцијата судија на Уставен суд во изминатиот период за мене беше голема чест и одговорност и се трудев функцијата во овој период да ја извршувам одговорно, со голема посветеност и максимално професионално. Но, како одговорен човек по настанатите непредвидени околности сметам дека нема да можам да работам на предмети со целиот свој капацитет, кои најчесто не се од мојата потесна професионална определба на која сум се усовршувала цели 40 години“, напиша судијката Дабовиќ.
Таа го информира Собранието дека од први јануари ќе се врати на професорската позиција на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Од Уставниот суд потврдија дека се запознаени со поднесената оставка на судијката Дабовиќ Анастасовска.
