Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за утврдување на уставноста на Упатството за водење на матични книги поради непочитување на уставно пропишаниот рок од седум дена за негово објавување во Службен весник, и донесе времена мерка за неиздавање на овие документи, пренесува ТВ21.mk.

По оваа одлука министерот за правда Кренар Лога изјави дека Уставен ја отворил Пандорината кутија, бидејќи многу институции не го почитувале уставниот рок за објавување на одлуки во Службен весник.

„Ме радува ова што се случи со упатството кое јас го потпишав за да излезат на виделина и многу нерегуларности кои се направени со месеци и години. Пред вас ги имате сите службени весници од последните недели каде се гледа дека не е почитуван уставниот рок“, вели Кренар Лога.

Лога не се откажува од одлуката бидејќи вели дека не е во спротивност со Законот за матична евиденција, а побара Уставен што побрзо да донесе одлука за упатството, за да уште еднаш ја почне постапката од почеток.

„Не треба да се купува време со времената мерка, туку го повикувам Уставен истото и да ја отфрли, а во меѓувреме најавувам дека ќе има целосно ново упатство каде ќе се повтори истото и ќе се објави во Служен весник и ќе стапи на сила“, додава Кренар Лога.