Уставниот суд денеска ја одржа 20-тата седница, на која беа разгледани три иницијативи за оценување на уставноста и законитоста.
Првата иницијатива, Уставниот суд ја отфрли за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста. Таа се однесува на оспорување на член 1 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредни мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.187/2021).
Подносители на иницијативата се Дарко Јаневски, Сашко Јовановски, Даница Трпковска и Златко Јолески.
Втората иницијатива што денеска уставните судии ја разгледаа, е поднесена од Емануел Тасев, и се однесува на оспорување на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надоместок за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште(„Службен весник на Република Северна Македонија” бр.81/2022), донесена од Владата.
Предлогот за одлучување во овој предмет не го доби потребното мнозинство гласови.
Уставниот суд ја отфрли и иницијативата за оспорување на Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи во Штип, бр.01-754/1 од 25 јуни 2019 година, односно точка 2 реден број 11 и точка 3 реден број 18 од Табеларниот приказ на работните места во ЈУМЦСР Штип, со кој се утврдени посебните услови за работните места: раководител на службата за права на парична помош и раководител на службата за услуги од социјална заштита, поднесена од Сузана Цветкова.
Според подносителката на иницијативата, со оспорениот Правилник за раководител на службата за услуги од социјална заштита за оваа позиција имаат можност да конкурираат само три стручни профили и тоа социјална работа и политика, педагогија и психологија, па со тоа во подредена дискриминаторска позиција се ставаат останатите образовни профили кои веќе биле вработени во ЈУМЦСР Штип.