Уставниот суд денеска ја одржа 35-тата седница на која одлучуваше по три иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, од кои две беа отфрлени, а по една донесе одлука да не поведе постапка.

На денешната седница, како што информираат од Уставниот суд, отфрлени се иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 17 од Законот за државното правобранителство, поднесена од адвокатите Владимир Стојкоски и Глигорие Ќатоски, како и иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, поднесена од Синдикат на полиција во Македонија – Велес.

Уставниот суд, исто така, донесе одлука да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на стапката на данок на имот, број 07-3165/26 од 29.12.2008 година, донесена од Советот на Општина Охрид на седницата одржана на 29.12.2008 година, објавена во „Службен гласник на Општина Охрид”, број 10 од 30.12.2008 година, поднесена од Димитрија Атанасовски од Охрид.