По предлог на адвокат од Струга Уставниот суд на денешната седница ќе одлучува дали функционерите кои предвреме биле разрешени од функцијата имаат право на апанажата. Уставниот суд денеска ќе одлучи и дали ќе отвори предмет преку кој ќе разгледува дали функцијата на Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата задолжен за координација на политичките прашања на ресорите е во согласност со Уставот.
Уставниот суд денеска ќе пресече дали апанажата што ја земаат функционерите а на кои им престанала функцијата пред времето за која биле избрани е во согласност со Уставот на Република Македонија.
На 7 декември 2022 година, Уставниот суд одлучи да поведе постапка и изрази сомнеж во уставноста на членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Во членот за кој е поведена постапка е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има правата на остварување на плата по престанувањето на функцијата. Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од членот 22 од Законот, најавуваат од Уставниот суд.
Судот претходно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на другите оспорени членови од овој закон.
А по иницијатива на партијата Левица, Уставниот суд денеска ќе одлучи и дали ќе отвори предмет преку кој ќе разгледува дали функцијата на Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата задолжен за координација на политичките прашања на ресорите е во согласност со Уставот.
Од Левица велат дека ваквата функција на Груби е противуставна и затоа со иницијативата спори делови од Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата.
Подносителот на иницијативата наведува дека Уставот предвидува дека организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон, а таков посебен закон е Законот за Владата, кој, според наводите во иницијативата дозволува претседателот на Владата од редот на министрите да именува свои заменици, но не дозволува рангирање на „вицепремиерите” од типот „прв”, „втор”, „трет” и слично”, соопштија од Уставниот суд во најавата за денешната седница.
На дневен ред на судот денеска е и иницијативата за оценување на уставноста за дел од Законот за Судски совет.
Уставниот суд со Решение од 28 април 2021 година поведе постапка за оценка на уставноста на член 8 став 3 во делот: „кои се избрани од страна на Собранието” од Законот за Судски совет, поради тоа што основано се постави прашањето за несогласност на наведената законска одредба со Уставот, наведуваат од Уставниот суд.