Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, вечерва во гостување на ТВ21 ја искоментира одлуката на Уставниот суд за укинување на „балансерот“ за етнички вработувања во државната администрација.
Според неа, Судот требало многу порано да ја донесе оваа одлука.
„Сите ги упатувам најпрво, бидејќи се повикуваат на изворот – Охридскиот Рамковниот договор уште еднаш да го препрочитаат. Таму јасно пишува дека кога зборуваме за администрација и вработување првиот критериум е стручност и компетентност, и велат дека покрај нив, треба да се почитува и основното начело на правичност и соодветна застапеност“, рече Сиљановска Давкова.
Таа додаде и дека самиот збор „балансер“ за нејзе е спорен.
„Терминот балансер ми е спорен, и инструментот. Што балансирате? Ако балансирате и стручност и компетентност и правична застапеност, тоа е во ред“, рече Сиљановска Давкова.