Како што информира Општина Карпош, усвоени се и годишните програми за 2022 година за активностите на локалната самоуправа од областа на екологијата и енергетската ефикасност, урбанистичкото планирање и развој на општината, уредување на градежното земјиште, како и програмата за изградба, редовно, инвестициско и зимско одржување на сервисни, станбени улици и локални патишта на територијата на локалната самоуправа.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за предлог-програмите за активностите на општина Карпош од областа на информатичката технологија, за месната самоуправа, за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра, како и за програмите на одделението за односи со јавноста и еднаквите можности меѓу жените и мажите.
На седницата беше усвоена предлог-одлуката за донесување техничка исправка за градежна парцела 4.6.7 од ДУП за населбата Влае 1, дел Б (Одлука бр. 07-1080/1 од 19.07.2002 година). Беше усвоена одлуката за утврдување надомест на членовите на Општинската изборна комисија – Карпош и избирачките одбори на подрачјето на локалната самоуправа за извршената работа при подготовката и спроведување на Локалните избори во 2021 година. Советниците гласаа и за одлуката со која се одобруваат финансиски средства, предвидени за изборот на заслужен граѓанин на општина Карпош.
Советот ги разгледаа и усвои предлог-програмите на Одделенијата и Секторите од локалната самоуправа. Беше усвоен Заклучокот за информацијата која ја обезбеди општинската администрација, која што се однесува на изработка на техничка спецификација со цел, комисиите и седниците на Советот преку стриминг сервис да се емитуваат во живо.