Вкупниот буџет на општина Куманово за 2022 година изнесува две милијарди и 129 милиони денари од кои основниот буџет е 886 милиони денари, соопштија денеска од Секторот за финансии во Општината.

Одлуката е изгласана на последната седница на Советот од страна на мнозинството советници. Надлежните појаснуваат дека буџетот е развоен и повисок во однос на минатата година.

– ОВОЈ БУЏЕТ Е ВО ВКУПЕН ИЗНОС ОД ДВЕ МИЛИЈАРДИ 129 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, ОД КОИ ОСНОВНИОТ БУЏЕТ ШТО СЕ СОПСТВЕНИ ПРИХОДИ НА ОПШТИНАТА СЕ 886 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, ШТО ЗНАЧИ ДЕКА ОВОЈ БУЏЕТ ВО ОДНОС НА МИНАТАТА ГОДИНА, КОГА ИЗНЕСУВАШЕ 682 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, Е ЗГОЛЕМЕН ЗА 214 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, ИСТАКНА РАКОВОДИТЕЛКАТА НА СЕКТОРОТ ЗА ФИНАНСИИ ИРЕНА ИЛИЕВСКА ПРЕД СОВЕТНИЦИТЕ.

Зголемувањето на основниот буџет, според Илиевска, се должи на добрата реализација од претходните три години.

– ЗНАЕТЕ ДЕКА СЕ ЗЕМА ПРОСЕКОТ КОЈШТО ГО ОСТВАРИЛА ОПШТИНАТА ОД СОПСТВЕНИТЕ ПРИХОДИ И ТОЈ ПРОСЕК СЕ ЗГОЛЕМУВА ЗА 30 ОТСТО СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ЕДИНИЦИ НА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ТАКА ШТО ВО ПРЕТХОДНАТА ГОДИНА ОПШТИНАТА СОБРА МНОГУ ПОВЕЌЕ СРЕДСТВА ОД ШТО ПЛАНИРАШЕ, ПА ПОРАДИ ТОА ОВОЈ БУЏЕТ ИМА ДЕФИЦИТАРНО ФИНАНСИРАЊЕ. ОВА ДЕФИЦИТАРНО ФИНАНСИРАЊЕ ЗНАЧИ ДЕКА ОПШТИНАТА ОД 2021 ДО 2022 ГОДИНА ПРЕНЕСУВА САМО СОПСТВЕНО САЛДО ОД СОПСТВЕНИ ПРИХОДИ – 180 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, ПРИХОДИ ШТО ОПШТИНАТА ГИ СОБРАЛА ПО ОДНОС НА ДАНОЦИ И ТАКСИ И ДРУГИ НАДОМЕСТОЦИ КОИ Ѝ СЛЕДУВААТ СОГЛАСНО ОДРЕДЕНИ ЗАКОНИ, ПОЈАСНИ ИЛИЕВСКА.

Во буџетот за следна година, покрај 180-те милиони денари,ќе се пренесат и средства кои локалната самоуправа ги добила од Владата за реконструкција на Соколана, спортската сала и за гасификација на одредени објекти, проекти за кои тендерите се веќе распишани, а парите ќе се потрошат уште во почетокот на 2022 година. Во однос на расходната страна се очекува да бидат потрошени 150 милиони денари што е значително зголемување во однос на лани кога имало 17 милиони денари.

– За водоводна мрежа во општина Куманово има издвоено средства, има дел за фекална и атмосферска канализација и тоа вкупно во износ од 35 милиони денари. Минатата година за оваа намена се одвоени 2,5 милиони денари, посочи Илиевска.

Во расходите влегуваат и развојните проекти на „Чистота и Зеленило“, „Куманово паркинг“, „Куманово план“, како и тековни трошоци за функционирање на администрацијата, плати, придонеси, други комунални услуги за општината.