Во врска со најавата на претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова во текот на утрешниот ден во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан амбасадорот на Република Бугарија Желјазко Радуков, дознава МКД.мк од дипломатски извори.
Вчера од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, во врска со неистакнувањето на македонското знаме за време на средбата со бугарскиот претседател Румен Радев, соопштија дека ќе побараат објаснување од бугарска страна.
„Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното“, се вели во соопштението.
Пред пет дена претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Бугарија, Желјазко Радуков.
Амбасадорот Радуков се очекува утре да се врати во Скопје откако и тој учествуваше на средбите на македонската претседателка и на македонските министри во Софија.