Голема Богородица се слави со молитва
Во четврток православните верници ќе го прослават Успение на Пресвета Богородица – празникот што народот го нарекува и Голема Богородица. Ова е еден од најзначајните денови во христијанската традиција посветени на Богородица, со посебно место во календарот на Црквата и во верата на народот.
Во македонските цркви и манастири може да се сретнат прекрасни претстави на светиот настан, најчесто сместени над западните влезни врати. Зборот „успение“ значи „заспивање“, што симболизира дека празникот не ја одбележува смртта на Пресвета Богородица, туку нејзиното вознесение во небесните живеалишта.
Црквата учи дека Богородица не ја доживеала смртта како враќање во правот, туку веднаш била земена на небото во Христовите прегратки. Со тоа таа станала прв и најголем застапник на луѓето пред Бога.
Покрај духовното значење, празникот е проследен и со народни верувања. Се смета дека ако жените на овој ден испијат вода со ронка боја од иконата на Богородица, можат да излечат многу болести, вклучително и неплодност. Традицијата исто така забранува работа, ни физичка, ниту пак во домот за да се покаже почит кон светицата.