Владата  донесе одлука да го прогласи утрешниот ден, 20 март 2025 година, за неработен ден за сите вработени во државните и локалните институции во Кочани по трагедијата што се случи на 16 март.

Одлуката беше донесена на вонредната онлајн седница на Владата, која се одржа вечерва. Целта е да се обезбеди достоинствено одбележување на погребот на настраданите во пожарот.

Погребот на 59 починати во пожарот ќе се одржи во четврток

Портпаролката на Владата, Марија Митева, информираше дека оваа мерка се однесува и на работниците во приватниот сектор. Им се препорачува на работодавачите да ги ослободат вработените од работни обврски. Здравствените, образовните и градинките ќе продолжат да работат со прилагодени услуги, во согласност со потребите на граѓаните.

„МВР ќе преземе сите неопходни безбедносни мерки за време на погребот. Министерството за здравство и Центарот за управување со кризи ќе обезбедат амбулантни возила. ТППЕ Кочани ќе преземе активности согласно своите надлежности“, додаде Митева.

Митева истакна дека се обезбедени сите потребни безбедносни протоколи. Новинарите кои ќе известуваат за погребот ќе мора да се придржуваат на посебна зона обезбедена од МВР. Медиумите ќе се придржуваат кон етичките принципи за извештавање, избегнувајќи сензационализам и почитувајќи ја приватноста на семејствата на жртвите.

„Со оваа мерка сакаме да ја заштитиме приватноста на семејствата, а истовремено да обезбедиме безбедно и професионално известување“, рече Митева.

Во контекст на трагедијата, Владата апелира на емпатија и професионализам во известувањето, како и на строго почитување на законот и етичките стандарди при пренесување на информации.

Извор: Влада.мк