Утре посебен режим на сообраќај – поворката ќе се движи од Кисела Вода до плоштад „Македонија“
Утре во Скопје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради одржување на Бадниковите поворки, кои ќе се движат низ повеќе централни улици и булевари во градот.
Бадниковата манифестација ќе започне од просторот пред општинската зграда на општина Кисела Вода. Поворката ќе се движи по улицата „Борис Трајковски“. Потоа ќе продолжи лево по булеварот „Македонија“. Движењето ќе продолжи по улицата „Св. Кирил и Методиј“ до просторот пред Музејот на град Скопје. По тоа, поворката повторно ќе се движи по улицата „Македонија“ сè до плоштадот „Македонија“. Таму ќе се одржи централната манифестација.
Од СВР Скопје информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за пренасочување на возилата. Посебен режим ќе има на сите сообраќајници по трасата на движење. Мерки ќе се спроведуваат и во околината на верските објекти.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните и до возачите да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници на терен, со цел безбедно и непречено одвивање на настанот.
