Според Календарот на МПЦ, утре се празнува Преподобната маченичка Анастасија Римјанка.

Родена е во Рим од благородни родители и остана сираче кога имаше три години. Како сираче ја одгледаа во еден женски манастир во близина на Рим, каде што игуманија беше некоја Софија, монахиња на висок степен на совршенство. По седумнаесет години Анастасија се прочу меѓу христијаните наоколу како голема подвижничка, а меѓу незнабожците како ретка убавица. Незнабожниот градоначалник Проб слушна за неа и испрати војници да ја доведат. Нејзината игуманија два часа ја советуваше како да ја држи верата, да им одолее на ласкавтите измами и да ги истрпи маките. Анастасија и рече: „Готово е срцето мое да пострадам за Христа, готова е душата моја да умре за преслаткиот Исус“. Изведена пред кнезот, Анастасија јавно ја исповеда својата вера во Господ Исус Христос. А кога кнезот ја одвраќаше од верата најпрво со ласакња, а потоа со закани, Светата маченичка му рече: „Подготвена сум да умрам за Господа не еднаш, туку ако е можно и стопати.“ Кога ја разголеа за да ја исмеат, таа им викаше на слугите: „Бијте ме и сечете ме и растргнете ме и покријте го со рани моето тело и скријте го со крв мојот срам!“ Ја биеја, растргнуваа и ја сечеа. На двапати почувствува голема жед и побара вода. Ја напои еден христијанин Кирил, заради што маченичката го благослови, а незнабожците го убија. И ги отсекоа градите и јазикот. И се јавуваше Ангел Божји и ја крепеше. Најпосле ја убија со меч надвор од градот. Блажената игуманија Софија го најде нејзиното тело и чесно го погреба. Се овенча со маченички венец во времето на царот Декиј.

Тропар
Света девојко Анастасијо, ние кои те прославуваме, срцата кон Небесата ги подигнуваме, со солзи духовни радосно твоето име го повикуваме, моли се за нас о, великомаченичке, удел да имаме во твоето воскресение, по твоите молитви, по твојата вера во Господа, радувај се, преподобна Анастасијо, света девственичке, прославена на небото од Ангелите.

Преподобен Аврамиј Затворник и неговата внука Марија

Од родителите беше присилен да се венча, но на денот на свадбата ја остави невестата и домот на родителите и се оддалечи во самотија на голем подвиг. Се подвизуваше педесет години. За сето тоа време само двапати излезе од својата келија. Првиот пат излезе на заповед од месниот епископ за да го обрати во верата некое незнабожечко село. Вториот пат излезе за да ја спаси својата заблудена внука Марија. Се упокои мирно во 360 година, во седумдесеттата година од неговиот живот на земјата.

Преподобниот маченик Тимотеј Есфигменски
Од тракиското село Кисани. Беше женет и имаше две ќерки. Жена му ја грабнаа Турците и ја потурчија. За да ја избави од харемот, привидно се потурчи. Кога ја избави, ја даде во женски манастир, а самиот отиде на Света Гора, прво во Лаврата, а потоа во Есфигмен. Посака да пострада маченички, како Агатангел Есфигменски и беше убиен во Едрене на 29 октомври 1820 година. Телото го фрлија во реката, а Старецот Херман му ја пренесе наметката во манастирот Есфигмен.